Родителите на Дениса се сомневаат во резултатите од ДНК анализата
Таткото на Дениса, Кирил Маркоски, кој во шок не сакаше јавно да зборува, само рече дека се сомневаат во резултатот кој вчера го добиле од Грција и сакаат нови испитувања кај нас. Вели дека очекуваат во наредните неколку денови телото од Грција да пристигне во Македонија...

Семејството на Дениса Маркоска синоќа од Институтот за судска медицина во Скопје побара реобдукција на телото пронајдено кај грчкиот остров Карпатос и повторна споредба на ДНК материјалите на трупот со оние на нејзините родители. Ова за МРТ го потврди таткото на Дениса, Кирил Маркоски, кој во шок не сакаше јавно да зборува. Тој само ни кажа дека се сомневаат во резултатот кој вчера го добиле од Грција и сакаат нови испитувања кај нас. Вели дека очекуваат во наредните неколку денови телото од Грција да пристигне во Македонија.
И директорот на Институтот, Алексеј Дума, соопшти дека семејството ја побарало оваа процедура, но вели дека за да се направи тоа мора одобрение да даде Јавното Обвинителство. Инаку според Дума, реодукцијата и добивањето на резултатите не би требало да трае повеќе од 24 часа.
„Мора Јавниот обвинител согалсно законот да даде согласност, бидејќи во спротивно излегува дека ние по некоја приватна иницијатива вршиме унакажување на телото на покојниот. Ние можеме да го направиме тоа, но секако реобдукцијата е секогаш потешка од првичната обдукција, затоа што веќе дел од органите се извадени, се поместени и се обработувани форензично. Телото е во изразита фаза на распаѓање, што ни оневозможува било каква хистолошка анализа, а токсиколошките анализи се во значителна мера отежнати“, изјави Алексеј Дума, директор на Институтот за судска медицина.
Од Јавното Обвинителство во прилеп истакнаа дека немаат издадено наредба за повторно обдукција, но ќе ги превземеле сите потребни дејствија кога телото од Грција ќе пристигнело во Македонија, засега не можеле да направат ништо.
Од МНР пак истакнаа дека во тек е процедурата за собирање на потребната документација за да се овозможи телото од Грција да се пренесе во Македонија.
Инаку трупот беше пронајден на 4 октомври кај грчкиот остров Карпатос и врз него беше извршена обдукција, чии резултати јавно не беа соопштени од страна на грчките власти.
Засега никој и не знае во која насока ќе се одвива случајот, дали ќе биде побарана истрага за сомневања за убиство, дали тоа било самоубиство или пак случајот ќе се затвори како несреќа.
Дарко Штарговски
