Проектот „Купи куќа, купи стан“ го раздвижи пазарот на недвижности
Досега 331 семејство ја искористило можноста да купи нов стан или куќа преку владиниот проект користејќи неповратни средства. Според пресметките на ресорот финансии субвенциите можат да достогнат и до14 илјади евра за еден нов дом...

Државата ги подобри условите за проектот „Купи куќа, купи стан“, градежните компании ги прилагодија цените, а банките ги поддржаа. Граѓаните се задоволни затоа што ќе можат да ја заокружат финансиската конструкција за купување нов стан или куќа.
„Мислам дека условите се добри, најверојатно ќе ја затвориме.“
„Порано не беше толку добро, сега е подобро“, велат анкетираните граѓани.
Градежниците признаваат дека овој владин проект го раздвижил секторот и ги принудил да ги симнат цените за околу 150 евра од квадрат. Сега нудат станови чии цени зависно од градот и локацијата се движат од 530 до 900 евра.
„Ние досега имаме продадено некаде околу 500 станови, со што би сакал да напоменам дека не се сите продадени преку проектот „Купи куќа, купи стан“, но некаде околу 20-30 посто од овие продадени станови подлегнуваат на овој проект“, рече Цветко Грозданов, директор на АД „Изградба и стопанисување со станбен и деловен простор“.
„Со денешниот ден, имаме над 40 стана продадени. Самиот владин проект „Купи куќа, купи стан“ го раздвижи прометот на недвижности и севкупната економија на Македонија“, вели Ванчо Чифлиганец од „Адора“.
„Имаме неколку продадено и сега се во фаза на одобрување“, вели Роберт Хот од „Хот и Хот“.
Досега 331 семејство ја искористило можноста да купи нов стан или куќа преку владиниот проект користејќи неповратни средства. Според пресметките на ресорот финансии субвенциите можат да достогнат и до14 илјади евра за еден нов дом.
Првиот саем посветен на овој проект, кој го поддржаа и осигурителните компании, се одржува во Сити Мол и ќе трае до 28 октомври.
Свето Николовски
