Со напредокот на роботиката до полесен и побезбеден живот

25.10.2014 16:32

Иднината пристигна. Во следните децении, луѓето се повеќе ќе користат роботи во секојдневниот живот, за управување на возилата, во домовите дури и во полициските сили...

Со брзиот напредок на роботиката, се чини можностите во иднина се бескрајни. Многу скоро, роботите ќе станат дел од секојдневниот живот на луѓето. Ова ќе го олесни животот на луѓето и ќе придонесе и за поголема безбедност. Предвидувањата се дека во иднина најрпво ќе започнат да се користат целосно автономни автомобили управувани од компјутери.

„Во 2012-та година, во Соединетите Американски Држави во сообраќајни несреќи загинале 33 илјади луѓе, или по 90 дневно. Многу од овие несреќи се поради невнимателност на возачите, што со копмутери може да се избегне“, рече Џон Виласенор, професор по електроника на Универзитетот на Калифорнија.

Американската полиција наскоро ќе користи беспилотни летала за набљудување. Една област во Калифорнија веќе купи беспилотно летало од 17 илјади долари за потребите на шерифот. Сега се поставува прашање како нивната употреба правно ќе се регулира.

„Во иднина, беспилотните летала ќе можат да оперираат самостојно контролирани преку набљудувачка мрежа. Многу од нас коишто живеат во Њујорк знаат дека такви камери веќе постојат и дека имаат можност за набљудување како и дроновите што би ве следеле насекаде“, вели Грегори Мекнил, професор по право на Универзитетот Пепердин.

Американците веќе користат најмногу автоматизирани апарати во домаќинства, а наскоро тоа ќе стане реалност во транспортот и во државните институции.

САД планираат формирање на Федерална Комисија за роботика којашто треба да ја регулира употребата на роботите.

Ирина Гелевска