Развојот на Охрид треба да почива на културните и природните вредности
Развојот на Охрид како туристички центар треба да почива врз културните и природните вредности. Тоа што се работи за заштитено подрачје не треба да биде хендикеп, туку предност, велат експертите, но само доколку плановите за инвестирање не го деградираат културното и природното богатство...

Тоа што Охрид и езерото се под заштита на УНЕСКО не значи дека не треба да има инвестициски активности,сметаат експертите.Напротив тие се неопходни за развој на градот,но секоја од нив мора да се вклопи во амбиентот и да ги почитува природните и културните вредности,кои со векови се градени од повеќе генерации.
„Кога се инвестира во еден објект,а е под заштита и е регистриран како културно наследство,со секое инвестирање тој може да ги зголеми вредностите или да ги намали. Одржливоста подразбира одржување на вредностите на долг рок. Така добива заедницата и државата, но така добиваат и оние што економски го користат културното наследство“, вели Сашо Коруноски, декан на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.
Односот кон природното и културното богатство треба да биде адекватен, затоа што тие се врската помеѓу Охрид и туризмот.
„Кога се работи за природното богатство треба да се има во предвид дека туризмот и развојот на Охрид почива токму на природното богатство и секоја инвестиција во иднина тоа треба да го има во предвид и да го вклопи природното богатство во целокупниот развој на градот“, вели Дејан Пановски од Билатерален секретаријат за заштита на Охридското Езеро.
Се она што го имаме како природно и културно богатство не смее да се деградира,сметаат експертите. Но сепак доколку инвестициите добро се вкомпонираат во нив ќе придонесат сето тоа да добие развојна компонента, која толку многу му недостига на Охрид.
Сашо Нелоски
