Нови компании заинтересирани за откуп на вишокот тутун

25.10.2014 16:59

Годинава родна за тутунот, иако со послаб квалитет. Пет илјади тони се вишок. Сојузот на тутунските здруженија преговара за откуп на целиот род. Заинтересирани нови компании за откуп.

Четириесет години е во нивите со тутун. 72 годишната прилепчанка Марија Паризова не се откажува од жолтото злато.

„Без тутун не се може, мора. Нешто ќе се начека од тутунот“, вели Марија Паризова, тутунопроизводител.

Годинава родна, но со послаб квалитет. 36 000 македонски тутунари, односно над 200 000 жители во земјава произведоа 30 000 тони тутун, пет илјади повеќе од договореното со откупувачите.

Вишок има, се стори тутунот вели Киро Јандреоски, тутунар.

Секој сончев ден се користи да се обере тутунот од нивите. Дел ќе остане таму. За 5 000 тони вишок во државава, се уште преговараат тутунските здруженија и откупувачите.

Треба да се откупи целиот род, има побарувачка на светскиот пазар.

„Откупувачите ќе се преиспитаат. Мислам дека пазарот се уште побарува ориентален ароматичен тутун. Оваа година би требало да им излезе во пресрет, бидејќи имаме најава дека влегуваат уште две-три странски компании кои се живо заинтересирани за нашиот ориентален тутун. И тоа не мали количевсква, по 10 000 тони“, вели Данчо Милески од Сојузот на тутунските здруженија на Македонија.

22 насто од македонските земјоделци се тутунари, извозот учествува со 3,2 проценти во бруто домашниот производ, а компаниите со 30 насто го полнат државниот буџет.

И експертите сметаат дека ќе нема проблем да се преземе родот кој зависи од временските прилики. Спасот за добра цена е во квалитетот поттикнат со субвенциите.

„Тука ќе се спаси Македонија, ако субвенциите ги дава за квалитетни тутуни“, вели Љупчо Попоски, научен советник.

Почнуваат подготовките за откупната сезона. Ќе се проверуваат мострите, инспекцијата ќе ги прегледа пунктовите и 9 те лиценцирани откупувачи од 17-ти ноември може да ја преземаат реколтата.

Елизабета Митреска