Велес

„Пластична рапсодија“ патува во Србија и Португалија

26.10.2014 16:30

Екологијата инспирација за учениците во велешкото хемиско училиште. Тројца ученици преку видео запис се побидуваат да ја подигнат свеста на граѓаните за потребата од селектирање и рециклирање на отпад. „Пластична рапсодија“ е наслов на приказната за двете заљубени шишиња. Овој филм патува на светски младински еко филмски натпревар во Србија и Португалија...

Љубовната приказна на две оставени пластични шишиња, од Велес патува за Србија и Португалија. Преку две минутен филм тројца ученици од хемиското училиште Димитрија Чуповски, се обидуваат да ја подигнат свеста за можноста и предностите кои сосебе ги носи рециклирањето.

„Ние сакавме да ја прикажеме таа приказна на тие две млади шишиња како се соединуваат и сакаат да поминат во процесот на рециклирање“, рече Александар Арсовски, ученик.

Фактот дека секоја година се фрла доволно пластика за да се направат четири круга околу планетата земја бил мотивот за изработка на овој филм. Учениците не се откажуваат од нови проектини активности.

„На меѓународната работилница во Португалија очекуваме да се здобиеме со нови идеи, нови работи кои ќе можеме да ги употребиме во следните наши понатамошни натпреварувања“, рече Надица Мицевска, ученичка.

Од ваквите ученички активности заедницата има двоен бенефит, вели менторката Мицева.

„На еден непосреден начин ги вклучуваме и нивните родители. Собирајќи различен отпаден материјал тие учат дека нивните деца веќе се вклучуваат во активности за селектирање на отпадот“, рече Руска Мицева, професор.

Присуството на меѓународни настани како овие во Португалија и Србија се можност за промоција на македонскиот образовен процес.

„Учеството на овој натпревар е доказ дека учениците учествуваат во натпревари не само во областа во која учат туку и на многу пошироко ниво односно во области кои се актуелни“, рече Горан Јанков, директор на ОСУ Димитрија Чуповски.

Правото да се настпреваруваат со своите врсници, велешките ученици го добија откако минатата година со Пластична рапсодија победија на државниот натпревар.
 

Дијана Иванова