Груевски: Се подготвува Акциски план за реформи врз основа на препораките од Извештајот на ЕК

26.10.2014 17:40

Секој министер се задолжува да ги детектира слабостите на кои укажува комисијата во последниот извештај. Со реформи во најпосочените сектори ќе се подобрува сликата за земјава...

Владата со акциски план ќе ги пегла критиките од Европската Комисија. Секој министер се задолжува да ги детектира слабостите на кои укажува комисијата во последниот извештај. Со реформи во најпосочените сектори ќе се подобрува сликата за земјава, со цел следната година да се постигнат подобри резултати.

„Секој министер во својата област го анализира Извештајот, ги вади сите сегменти коишто се како препораки и врз база на тие креира предлог за промени за реформи, коишто влегуваат во вкупниот документ на владата. Очекувам во наредните десетина дена сите овие поединечни предлози на министрите, кои произлегуваат од препораките на Комисијата како збирен документ – Акциски план, да бидат ставени на седница на Влада, да бидат разгледани. Секој од нив ќе добие рок, ќе добие носител и буџет за да може во наредната една година да се спроведе“, рече Никола Груевски, претседател на Владата.