Малцински избори во Србија - Македонците избраа Национален совет
84 електори што ја преставуваат македонската заедница од цела Србија, решија да се гласа за 2 изборни листи. Едната е изборната листа „За Македонците пред се“ на Славе Груевски од Горни Милановац, а втората на Борче Величковски од Панчево со листата „Македонците заедно“.

Македонците и останатите 19 национални малцинства одржаа избори за национални совети. Изборите се спроведоа преку електорско собрание, на кое учествуваа 84 преставници на гласачкото тело на македонската зaедница. Се гласаше за 23 члена за Националниот совет, преку две изборни листи.
84 електори што ја преставуваат македонската заедница од цела Србија, решија да се гласа за 2 изборни листи. Едната е изборната листа „За Македонците пред се“ на Славе Груевски од Горни Милановац, а втората на Борче Величковски од Панчево со листата „Македонците заедно“.
Гласањето се одвиваше тајно, а по пребројувањето на гласачките ливчиња, од 84 електори, 55 ја подржаа листата на актуелниот претседател на националниот совет Борче Величковски.
„Листата „Македонците заедно“ убедливо победи и триумфира и нормално дека ќе има најголем број на членови на Националниот совет. Секако дека во наредниот период ќе продолжиме со сите досегашни започнати работи“, рече Борче Величковски, носител на листата „Македонците заедно“.
Втората листа на Славе Груевски освои 28 гласа.
„За разлика од изборите во 2010 година овие избори, ако се по пат на електори се многу успешни и можеме сите да бидеме задоволни“, рече Славе Груевски, носител на листата „За Македонците пред се“.
Според Донтовиот метод, во идниот Национален совет листата на Величковски ќе има 15 члена, а од втората листа се избрани 8 члена. Од нив најдоцна за 20 дена ќе се избере претседател и стручните тела на советот.
Националните совети се уставна институција, преку која малцинствата во Србија ги остваруваат правата во областа на културата, образованието, известувањето и службената употреба на јазикот.
Малцинските избори ги спроведе државната изборна комисија, а истите беа набљудувани од преставници на ОБСЕ и ЕУ.
Од Белград за МТВ-Оливер Бранковиќ.
