Нови 30 наслови од „Ѕвезди на светската книжевност“

26.10.2014 18:19

Промовирана е нова серија наслови од едицијата превод на светски класици. Од министерството за култура ја споделуваат идејата овие дела да можат да се најдат во продажба. Досега ги имаше само во библиотеките...

Капиталниот проект „Ѕвезди на светската книжевност“ се збогатува за 30 нови наслови. Делата на класиците како Толстој, Достоевски, Ниче и Маркез сублимирани во книжевни томови сега се достапни и на македонски јазик.

„Уверена сум дека преведените врвни дела се вистинско естетско уживање за читателите од сите генерации и дека тие внесуваат нова димензија во поимањето на тајните на светската книжевност и детермнираат еден нов импулс. Едно длабоко и трајно влијание во македонскиот културен контекст“, рече Елизабета Канческа Милевска, министер за култура.

Книгите засега може да се прочитаат само во библиотеките, но се размислува едициите да станат достапни за пошироката јавност, така што читателите ќе можат да ги купат омилените изданија и да ги имаат во своите приватни библиотеки.

„Пред нас е капиталното дело на Карл Густав Јунг „Сеќавања, соништа, размисли“, од личниот превод на Зоран Анчевски на поезијата на Вилијам Батлер Јејтс. Досега најширокото претставување на поезијата на Хајне, каде што се и препевите на Блаже Коневски од Лирско интермецо, инаку првите стихови од еден западно европски поет што се препеани на македонски јазик“, рече Митко Маџунков, стручна редакција на едицијата „Ѕвезди на светскта книжевност“.

Во владиниот прокет досега се преведени 360 од вкупно 560 книги. До крајот на годината ќе се промовираат уште 50 наслови од еминентни светски писателски имиња.

Анита Димитријевска