Боко Харам повторно киднапира деца низ Нигерија!

27.10.2014 13:17

Претставниците на Хјуман рајтс Воч велат дека жртвите се физички и психички малтертирани и силувани. Дел од нив неможат да се прилагодат на средината и откако ќе се ослободат од заробеништво...

Состојбата во Нигерија станува се поалармантна. Владата во неколку региони воведе вонредна состојба, по новото  киднапирање на околу 30 деца на 11 и 13 годишна возраст во текот на викендот.  Постои сомнеж  дека зад киднапирањето стои радикалната организација Боко Харам, која според податоците од 2009 во заложништво држи 500 луѓе.

Организацијата Хјуман Рајтс Воч обелодени податоци за жените и девојчињата кои се киднапирани и малтеретирани од насилниците. Жртвите  го раскажуваат хоророт низ кој минале додека биле во заробеништво и тешкиот пат до бегството.

„Ме принудуваа да одам со нив додека се борат. Над главата ми поминуваа куршуми, јас морав да лежам. Кога прв пат видов како убиваат невин човек, целата се тресев. Често не тераа да гледаме како убиваат, а и нас не учеа да пукаме“, изјави жртва киднапирана од Боко Харам во 2013-та.

„Многу девојчиња и жени се принудени да се омажат со бунтовници, ако не сакаат да стапат во брак, тогаш добиваат ќотек. Не тераа да ја земеме исламската вера, ако не сакавме, пак не тепаа“, вели друга жртва на Боко Харам.

Претставниците на Хјуман рајтс Воч велат дека жртвите се физички и психички малтертирани и силувани. Дел од нив неможат да се прилагодат на средината и откако ќе се ослободат од заробеништво.

„Има многу тажни приказни за жените и девојките кои биле киднапирани. Но морам да кажам дека поради одредени табуа, тие не сакаат да зборуваат за пеколот низ кој минале. Тие информации нам ни се неопходни за да можеме да им помогнеме“, вели Мауси Шегун, од Хјуман Рајтс Воч.

Владата е речиси беспомошна. Не е во состојба да обезбеди безбеден пристап до училиштата и во селата, каде најчесто се киднапираат децата.  Западното образование е забрането или Боко Харам ги таргетира  средините кои се доближуваат до западната цивилизација.

„Преговараме со претставници од Боко Харам за  да прекине огнот и да се спасат сите заробеници. Ние сме подготвени за мир“, изјави Мајк Омери, потпарол на Владата на Нигерија.

И покрај преговорите и најавеното примирје нема индиции за смирување на состојбата, а во рацете на екстремистите се уште се 200 девојчиња кои беа киднапирани во април годинава.

 

Марија Петковска