Субвенции за отворање на специјализирани продавници за вино

27.10.2014 13:43

Владата ќе го субвенционира отворањето на специјализирани продавници за вино. Ќе се покриваат половина од трошоците за закуп и за опремување на овие продажни објекти...

Десет специјализирани и унифицирани продавници за вино треба да бидат отворени во девет македонски градови со поддршка од државата, која ќе субвенционира дел од трошоците за опремување, за закуп на просторот, како и платите на вработените во период од три години.

Две продавници треба да се отворат во Скопје, и по една во Охрид, Берово, Кавадарци, Штип, Струмица, Прилеп, Битола и Крушево. Огласот е веќе објавен и ќе трае до 30 ноември годинава.

Владата ќе покрие 50 проценти од трошоците за внатрешното опремување на продавницата, но не повеќе од 1.500.000 денари по продавница, 50 проценти од трошоците за закупнина за просторот во кој ќе функционира продавницата, и тоа во период од 3 години, но не повеќе од 30.000 денари месечно или околу 500 евра месечно по единица продавница. Во истиот временски период ќе обезбеди и плати за вработување по две лица во овие продавници во висина од просечната плата исплатена во дејноста, информира портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.

Појасни дека одлуката да се субвенционира отворањето на вакви продавници е донесена со цел да се даде дополнителна поддршка на бизнис заедницата, особено на винскиот стопански сектор, да се зголеми промоцијата на македонското вино, внатрешната потрошувачка на македонски вина, да се збогати туристичката понуда, но и да се даде поддршка на економскиот развој, условите за водење на бизнис и отворањето на нови работни места.