Скопје: Се воведува електронска наплата во градските автобуси
На располагање ќе бидат 61 место за надополнување и продажба на картички во кои влегуваат и три автономни автомати за издавање и дополнување на картички...

Околу 500 автобуси, од кои 70 проценти на ЈСП Скопје, за 300 дена ќе бидат вклучени во новиот проект за електронска наплата на билети и следење на движењето на автобусите. Проектот ќе го реализира Т- Мобиле, а електронската картичка ќе може да се плати и преку мобилен телефон.
„ЈСП Скопје ќе добие современа алатка за димензионирање на превозните капацитети по линија, како и за автоматско генерирање на возни редови. Сево ова во голема мера ќе придонесе за подигање на квалитетот на превозните услуги, зголемување на бројот на патници, како и зголемена наплата. Исто така, голема придобивка ќе биде и интегрирањето во овој систем и на приватните превозници“, изјави градоначалникот Коце Трајановски.
Директорот на Јавното сообраќајно претпријатие -Скопје, Мишо Николов, ја потенцираше неопходноста од воведувањето на систем за автоматска локација на возила и систем за електронска наплата во автобусите на ЈСП, нагласувајќи дека постојниот систем за наплата во автобусите на ЈСП е во колапс, бидејќи секојдневно се соочуваат со дваесетина расипани апарати за наплата.
На располагање ќе бидат 61 место за надополнување и продажба на картички во кои влегуваат и три автономни автомати за издавање и дополнување на картички.
Директорот на Т- Мобиле, Жарко Луковски информираше за можноста којашто ја нуди Т- Мобиле, надвор од потпишаниот договор, за надополнување на билетот за возење, односно нагласи дека граѓаните ќе имаат можност на околу 6 000 места да извршат надополнување и ја најави можноста за плаќање со мобилен телефон.
