Јолевски: САД остануваат наш силен подржувач за членство во НАТО

27.10.2014 14:36

Најголем дел од сенаторите и конгресмените сметаат дека Македонија треба да биде дел од НАТО без разлика што се уште нема решение за името, но и да се почитува пресудата од Хаг...

САД не го менуваат курсот на политиката кон Македонија. Силно ги поддржуваат нашите евроатлантски аспирации, вели поранешниот амбасадор во Вашингтон и актуелен министер за одбрана, Зоран Јолевски. Најголем дел од сенаторите и конгресмените сметаат дека Македонија треба да биде дел од НАТО без разлика што се уште нема решение за името, но и да се почитува пресудата од Хаг.

Дали администрацијата на Обама направи доволно во притисокот кон Грција и може ли да се очекува поактивна улога на американскиот претседател, праша Кенан Хасипи. САД ги поддржуваат разговорите под покровителство на Обединетите нации, но, според Јолевски, не се подготвени да се вклучат во разговорите за името.

„Дали е можно да се очекува конечно да се зајакне улогата на САД, пред се, во решавањето на спорот околу името“, праша пратеникот Кенан Хасипи.

„Во овој момент не гледам дека тие се подготвени да влезат во тој процес и со нивни ставови и барања да наметнат вакво или онакво решение. Чувствувам дека притисокот се врши подеднакво и врз двете страни“, вели министерот за одбрана Зоран Јолевски.

Според претседателот на Комисијата за надворешна политика, декларацијата за партнерство и пријателство е цврста основа за натамошната политичка и економска соработка.

„Се со цел таа богата билатерална соработка да биде дополнително унапредена и да резултира со очекуван и заслужен исход, а тоа е полноправното членство на Република Македонија во Северноатлантската алијанса“, истакна Антонио Милошоски.

Американските ставови се јасни, вели министерот за одбрана. Европа нема да биде целосно обединета се додека Западниот Балкан не е дел од Европската унија и од НАТО.

Македонија е меѓу ретките земји која има потпишано со САД договор за пријателство и партнерство. Договорот беше потпишан во 2008 година.

 

Милчо Велески