Економија

Истекува рокот за воведување фискални каси со ГПРС

27.10.2014 15:44

Доколку не се испочитува крајниот рок, на засегнатите им се заканува времена забрана за вршење дејност, како и парична казна. Тие сега се во трка со времето – да ја искористат последната недела и да се опремат со новите фискални апарати...

Компаниите со годишен промет од над 10 милиони денари, угостителите и бензинските пумпи имаат сè помалку време да воведат ГПРС фискални каси. Крајниот рок истекува в петок, но ниту половина од даночните обврзници не се опремиле со новите уреди.  Според последните податоци на УЈП, од околу 8.900 обврзници, само 3.348 успешно се регистрирале.

„Повторно се потврдува нашиот менталитет. Се чека до последниот рок. Од денес истекува последната недела.  Сите големи даночни обврзници, кои оваа обврска треба да ја завршат до крајот на месецов, верувам дека ќе го испочитуваат рокот“, изјави Горан Трајковски, директор на УЈП.

Доколку не се испочитува крајниот рок, на засегнатите им се заканува времена забрана за вршење дејност, како и парична казна. Тие сега се во трка со времето – да ја искористат последната недела и да се опремат со новите фискални апарати.

„Моментално располагаме со три фискални каси. Имаме поднесено барање да ни се надградат со ГПРС системот. Се уште чекаме одговор од дистрибутерот, да ги однесеме и да ни ги инсталираат. Не чини околу 14 илјади денари од фискален уред“, вели угостителот Сашо Божиновски.

Од 1 јануари сите треба да поседуваат фискална со ГПРС. Набавката е на товар на државата. Обврзниците добиваат даночен кредит, односно износот на данокот што треба го платат ќе им се намали за вредноста на фискалниот уред. Со новото решение, УЈП во секој момент, 24 часа дневно, ќе може компјутерски да го следи прометот во компаниите. Ова треба да резултира со зголемена наплата на даноците, подобра фискална дисциплина, елиминирање на сивата економија, но и со помалку инспекции на терен.

 

Мартин Пушевски