Поради Република Македонија, Грците се повлекоа од филмскиот фестивал во Швајцарија
Причината за повлекувањето е тоа што нашата земја на фестивалот е претставена под уставното и историско име Република Македонија...

Грчкиот амбасадор во Шајцарија е мета на критика на дел од грчките медиуми поради неговата интервенција за повлекување на грчките филмови од фестивалот во Лугано, јавува дописникот на МРТ од Атина. Причината е тоа што нашата земја на фестивалот е претставена под уставното и историско име Република Македонија.
„Со избрзани, груби и агресивни чекори и без претходно да ги праша продуцентите и режисерите, грчкиот амбасадор во Швајцарија го повлече нивното учество на фестивалот поради „ПЈР Македонија“. Со писмо од амбсадорот во Швајцарија, седум грчки кратки филмови беа повлечени поради тоа што дел од филмовите доаѓаат од Република Македонија“, се вели во коментарот на весниот на грчката левица, Лефт.гр.
Весникот информира дека на седумдневниот фестивал, што започна на 20- ти месецов, требало да биде вклучена и специјална програма од седум куси грчки филмови, но поради фактот што во каталогот стоело нашето уставно име, а не привремента референца, амбасадорот испратил писмо со кое што ги повлекол грчките филмови.
Грчките продуценти и режисери за ова биле информирани на 24- ти октомври, преку писмо од фестивалот, во кое што организаторите ја истакуваат својата разочараност поради тоа што се принудени да ја откажат проекцијата на филмовите. Организаторите информирале дека писмото што го добиле од грчкиот амбасадор во Швајцарија не им оставило простор за решавање на ова прашање на заемно прифатлив начин, иако од страната на фестивалот немало никаква грешка. Жалат поради оваа интервенција направена во рамките на уметничка организација поради политички причини, а пред се жалат поради тоа што грчките автори ја испуштија можноста да ја презентираат својата работа пред нова публика.
Некои од грчките продуценти веднаш реагирале и се спротиставиле, барајќи и покрај се, филмовите да бидат проектирани, но без успех.
Весникот прашува зошто овој чекор на амбасадорот не се случил навреме, со оглед на тоа дека програмата на фестивалот била највена еден месец порано, туку се реагирало во последен момент со импулсивен гневен чекор и без да се постигне она што се сакало. Весникот вели и дека одлуката за тоа дали ќе се проектираат филмовите требало да биде на продуцентите, а не на државата.
„Поради оваа импровизација, изгледа дека грчката држава перманентно ја реши работата, но не успеа да постигне цивилизирана спогодба во нејзина корист. Авторите на филмовите требаше да бидат информирани од грчката страна, а не од Швајцарците. И најпосле, македонските филмови беа нормално проектирани на фестивалот, а грчките не беа и ова е нешто што и наштети исклучиво на грчката кинематографија, но не и на надворешната политика на ’ПЈР Македонија’“, пишува левичарскиот весник.
Марија Котовска – постојан дописник на МРТ од Атина
