Презентирани европските образовни програми „Хоризонт 2020“ и „Еразмус плус“
„Еразмус плус“ се надоврзува на претходните европски образовни програми „Млади во акција“ и „Доживотно учење“, а „Хоризонт 2020“ е една од најголемите програми на ЕУ за наука во која влегува досегашната Седма рамковна програма (FP7).

На универзитетот „Св. Кирил и методиј“ беа промовирани 2 нови програми на Европската унија- „Хоризонт 2020“ и „Еразмус плус“. Преку нив се очекува да се поттикне младиот научен кадар да работи на креативни идеи кои ќе се финансираат од проектите од Европската унија. Преку ваквите програми само универзитетот Свети Кирил и Методиј досега има испратено педесетина студенти низ Европа на мобилност.
„Еразмус плус“ се надоврзува на претходните европски образовни програми „Млади во акција“ и „Доживотно учење“, а „Хоризонт 2020“ е една од најголемите програми на ЕУ за наука во која влегува досегашната Седма рамковна програма (FP7).
Промоцијата на новите образовни програми почна од УКИМ како најстара и најголема високообразовна институција која повлекла и најмногу средства (меѓу 50 и 60 отсто) од претходните програми (2007-2013).
„„Хоризонт 2020“, која се однесува на иновативни проекти и истражувања, ќе поттикне голем дел од младите, како и научниот кадар, да работат на креативни идеи кои ќе се финансираат од ЕУ, а „Еразмус плус“ ќе им овозможи размена на студентите и стекнување искуство на европските универзитети. Тие се надвор од претпристапните европски фондови-ИПА. Пораката до студентите, наставниот кадар и научниците е дека интеграцијата во Европската унија е повеќе од реформи и менување закони, туку е целосно менување на начинот на живеење и поквалитетен живот. Досега, од 2007 до 2013 година, надвор од ИПА-фондовите се искористени околу 40 милиони евра од разни институции во земјата, универзитети и приватниот сектор во различни програми на Унијата. И во наредните седум години и се дава можност на Република Македонија да учествува во програмите на Унијата како земја-кандидат“, изјави вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими.
Покрај програмите од ЕУ, младите финансиски се поддржани и со домашни стипендии. Секретаријатот за европски прашања секоја година доделува 12-месечна стипендија „Габриела Коневска-Трајковска“ за постдипломски студии од областа на евроинтеграциите. Годинава ќе бидат доделени четири со вкупна вредност од околу 85.000 евра.
Седумгодишната програма „Еразмус плус“ на ЕУ, која почна од оваа година, има вкупен буџет од 14,7 милијарди евра, што е зголемување за 40 проценти во споредба со претходните буџети за високото образование.
