ММФ ќе ја скенира македонската економија

27.10.2014 16:52

Во најновата есенска прогноза ММФ проектира догодина економскиот раст уште повеќе да се засили...

Највисок економски раст во регионот, зголемување на јавните и приватните инвестиции. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) оценува дека растот од 3,5% годинава е реално остварлив.

Во најновата есенска прогноза ММФ проектира догодина економскиот раст уште повеќе да се засили.

Во каква кондиција е македонската економија од блиску ќе мониторира во наредните десетина дена тимот на ММФ. Мисијата предводена од Ивана Владкова Холар ќе собира информации поврзани со економските парамери за кондицијата на земјата навремено да ги сервисира своите обврски кон странство.

По мониторингот на македонската економија, ММФ ќе изготви и извештај што ќе биде поднесен до Бордот на директори на фондот.

ММФ пред годишниот состанок со Светска банка во Вашингтон ја намали прогнозата на растот за светската економија, и се очекува раст на БДП да биде 3,3% за оваа и 3,8 % наредната година.

Според последните проекции на ММФ, растот на БДП во Црна Гора ќе биде 2,3%, Албанија 2,1% , а за Хрватска и Србија се предвидува рецесија.

Монетарците ќе имаат средби со вицепремиерот Ставрески, гувернерот Богов, со економски аналитичари и бизнисмени. Што друго ќе донесе посетата на монетарците ќе видиме по нивната завршна оценка која ќе биде позната за околу десеттина дена.

 

Билјана Василева- Трендафилова