Струшките училишта без дрва за греење

27.10.2014 19:15

Минатата година немаше нафта за греење на училиштата во Струга, а годинава нема дрва...

Оваа година нафта за струшките училишта има, проблем се дрвата. Дел од училиштата во Струга се греат на дрва а за да биде проблемот уште поголем, тоа се училишта каде учат најмладите од 1 до 4-то одделение. Родителите се гневни и не сакаат повеќе да слушаат за никакви изговори.

„Покрај тоа што не се подобрени тие услови за функционирање, сега очигледно ги изненади и зимава. Сме слушнале секакви изговори, од блокирана сметка, нереализирани тендери но искрено нас како родители тоа не не интересира“, рече родителот Татјана Огненовска.

Како што дознаваме, дрва за греење нема да има до 29 овој месец. Директорот на училиштето веќе побарал од општина Струга да биде снабден без одлагање со првата пратка дрва кои ќе пристигнат.

Некако стана пракса да во изминативе години во училиштата во Струга нема греење или поточно зимата ги изненадува. Во ова училиште Браќа Миладиновци учат ученици од прво до четврто одделение токму оние најмалите, немаат греење затоа што тука се греат на чумбиња, поточно на дрва, а дрва се уште не се пристигнати, барем така велат од општина Струга.

Од општина Струга во телефонска изјава ни рекоа дека до крајот на оваа недела тендерот ќе биде завршен и овој проблем ќе биде надминат. Но без разлика на се, додека оваа ситуација се реши, најмладите ќе ги трпат последиците кои директно ќе се одразат на нивното здравје.

Јованчо Наумоски