Наградата „Сахаров“ за д-р Муквеге
Европскиот парламент одлучи годинашнава награда „Сахаров 2014“ за слобода на духот да му ја додели на д-р Денис Муквеге, гинеколог кој се бори за правата на жените во Демократската република Конго...

Европскиот параламент со будност ги следи сите кршења на човековите права, без разлика во кој дел на светот се случува тоа. Во тој контекст е и доделувањето на Наградата Сахаров за слобода на духот. Годинашниов добитник е избран едногласно од претседателите на политичките групи на европарламентот.
„Конференцијата на претседателите едногласно одлучи да му ја додели Наградата Сахаров на д-р Денис Муквеге од Демократската република Конго за неговата борба за заштита на жените“, изјави претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц.
Денис Муквеге е 59-годишен гинеколог, кој работи во болницата „Панзи“ која тој ја основа во 1998 година во Букаву, за време на граѓанската војна. Таму тој ги ги лечи жртвите на силувања и на тешки сексуални повреди. Војната е можеби завршена официјално во Демократската република Конго, но нападите врз цивиилите и силувањата продолжуваат и понатаму на истокот од земја.
Покрај докторот Муквеге годинава беа номинирани уште украинското проевропско движење ЕуроМајдан и активистката за човекови права од Азербејџан и директорка на центарот за Мир и демократија, Лејла Јунус. Претседателот Мартин Шулц, објавувајќи ја одлуката за годинашниов лауреат истакана дека претставниците на ЕуроМајдан ќе бидат поканети на свеченоста на доделувањето, најавувајќи испраќање на делегација на европратеници во Азербејџан во посета на Лејла Јунус за да ја поддржат во нејзината борба за демократија и слобода.
Муквеге ќе биде поканет на 26-ти ноември во Стразбур, каде ќе ја добие наградата Сахарорв, воведена во 1988 година за одддавање на почит на личности и организации кои ги бранат човековите права и фундаменталните слободи.
Лани оваа награда ја доби годинашнава нобеловка Малала Јусафзаи, за нејизната борба за образование на девојчињата во Пакистан.
Тони Гламчевски
