Кошарка – НБА

Стартува најголемото кошаркарско шоу!

28.10.2014 12:38

Обложувалниците сметаат дека Кливленд е прв фаворит, но актуелниот шампион Сан Антонио ја задржа екипата со којашто минатата сезона ја приграби петтата титула...

Враќањето на Леброн Џејмс во Кливленд е најдобриот вовед во 69-та НБА сезона. По четири години минати во Мајами со кој во секоја играше во големото финале и двапати го освои шампионскиот прстен, „Кралот“ ќе се обиде во родниот Охајо да им ја донесе првата титула на „Кавалирс“. Исто како што изненадувачки со Макаби го освои трофејот во Евролигата, Дејвид Блат ја доби довербата да го предводи новиот Кливленд кој се засили и со извонредниот поентер Кевин Лав.

Обложувалниците сметаат дека Кливленд е прв фаворит, но актуелниот шампион Сан Антонио ја задржа екипата со којашто минатата сезона ја приграби петтата титула. Единствено што не и успеало на оваа генерација на „Спарс“ предводена од Тим Данкан, Ману Џинобили и Тони Паркер е тоа што никогаш не го одбранила трофејот.

И оваа сезона конкуренцијата во „Западната конференција“ ќе биде поголема, па во трката за што подобра позиција во плеј – офот ќе бидат Оклахома којашто првиот месец ќе биде без повредениот Кевин Дурент, потоа Лос Анџелес Клиперс и Портланд. Коби Брајант се опорави, Стив Неш веројатно ќе ја пропушти цела сезона, а можеби поради повредата и ќе се пензионира, дојде Карлос Бузер, си замина Пау Гасол,  но „Лејскерс“ не би смееле да имаат проблеми со пласманот во доигрувањаето, особено не со надминувањето на 27-те победи од минатата сезона.  

Покрај Кливленд, со големи амбиции на „Истокот“ ќе биде и Чикаго. Најголемо засилување за „Булс“ е опоравувањето на Дерек Роуз. Екипата со нов центарски тандем Јаник Ноа – Гасол, од клупата ќе ја предводи специјалистот за дефанзива Том Тибодо.

Кандидати за најдобар ефект во „Источната конференција“ ќе бидат и Бруклин, Индијана, Вашингтон и Мајами во којшто останаа Двејн Вејд и Крис Бош. Нема да биде за потценување ниту Њујорк чијшто генерален менаџер е Фил Џексон кој со Чикаго освои шест, а со „Лејкерс“ пет титули.

Втора сезона, Македонија во Перо Антиќ ќе има преставник во најсилната кошаркарска лига во светот. Атланта со здравиот Ал Хорфорд има амбиции да го надмине осмото место од минатата сезона и поразот во првото плеј – оф коло од Индијана. Во првата сезона во дресот на „Хоукс“, Антиќ одигра 50 мечеви и за 18.5 минути по натпревар, во просек имаше реализација од 7 поени, 4 скока и 1 асистенција.

НБА сезоната почнува ноќта вторник на среда со три дуели, тексашката пресметка Сан Антонио – Далас, потоа ЛА Лејкерс – Хјустон и Њу Орлеанс – Орландо.