Друштвата на писателите од Македонија и Србија ќе соработуваат

28.10.2014 12:44

Саемот на книгата во Белград го искористија Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) и Здружението на писатели на Србија (ЗПС) и потпишаа договор за интензивирање на соработката...

Ниту престижната награда „Доситеј Обрадовиќ“ што ја додели српското министерство за култура на издавачка куќа –Икона од Скопје, ниту престојот на македонските писатели не беа доволен мотив за нашите издавачки куќи да бидат присутни на најголемата манифестација на пишаниот збор во регионот.

Македонскиот јазик и култура се преставени преку писателите со македонско потекло, кои објавија 15 книги- двојазично од македонски и од српски автори.

Но, Саемот на книгата го искористија Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) и Здружението на писатели на Србија (ЗПС) и потпишаа договор за интензивирање на соработката.

„Во наредните четири години може да се очекува објавување на низа дела од македонски писатели на српски. Тоа ќе биде уште еден чекор во меѓусебното запознавање на двете литератури и култури“, изјави Веле Смилевски, претседател на ДПМ.

И српските писатели сакаат посодржајна соработка.

„Пријателите- доколку се пријатели, ним не им се потребни никакви протоколи. Но суштински, договорот има смисол, бидејќи е сведоштво за оние што ќе дојдат по нас, како доказ дека со пријателите работевме во взаемен интерес“, вели Радомир Андриќ-претседател на ЗПС.

На саемот на книгата излагаат околу 800 издавачи, презентирајќи ја книжевноста, јазикот и пишаниот збор како најсилно обележје на културните достигнувања на еден народ.

 

Оливер Бранковиќ