Нови судии на местото од приведените во акцијата „Јустиција“

28.10.2014 15:07

Од први ноември во одделот за прекршоци при Кривичниот суд, четворицата судии кои што судат после приведувањето на нивните колеги во акцијата „Јустиција“ веќе нема да бидат сами. Ним ќе им се придружат уште седуммина делегирани судии...

Седуммина судии: Ивица Николовски, Љупчо Спировски и Садула Изаири од тетовскиот, Бранка Наумовска, Даница Павловска и Јусуф Абдулати од кумановскиот и Александра Поп Стефанија од неготинскиот суд се делегираните судии во одделот за прекршоци при скопска единица.

Од први ноември во одделот за прекршоци при Кривичниот суд, четворицата судии кои што судат после приведувањето на нивните колеги во акцијата „Јустиција“ веќе нема да бидат сами. Ним ќе им се придружат уште седуммина делегирани судии.

Судскиот совет ја донесе одлуката од причина што повеќето од судиите биле со место на живеење во Скопје.

„При изборот кои судии ќе бидат делегирани се земе в предвид обемот на работа кој што го имаат во основните судови, а важно е и тоа што поголем дел од судиите се со место на живеење во Скопје, а ја извршуваат својата судиска функција во Основен суд Тетово, Куманово и Неготино“, вели портпаролот на Судскиот совет на РМ, Вера Андреевска.

Само еден судија од приведените се повикал на својот имунитет. Откако Јавното обвинителство го известило Судскиот совет, советот донесол одлука да му го одземе имунитетот.

Во акцијата „Јустиција“ беа приведени 14 судии, од кои пет се во пензија, а девет се активни судии. Притворени се бидејќи заедно со 11 стручни соработници од судот за прекршоци во Скопје преку застарување на неколку илјади предмети го оштетиле буџетот за 1,3 милиони евра во периодот од 2010-та до 2014-та година.

 

Фиљана Кока