Повисока минимална плата- повисоки казни ако работодавачите не ја исплаќаат!
о новите измени и дополнувања се предвидува казна од 8.000 – 10.000 евра да платат оние кои ќе го заобиколат законот. Доколку го повторат делото, ќе им биде изречена забрана за работа во траење од 15 дена...

Ќе расте минималната плата, а со тоа и казните за работодавачите доколку не ја исплаќаат. Трудовиот инспекторат утврдил дека 46 – мина не си ги подмирувале долговите спрема вработените. Со новите измени и дополнувања се предвидува казна од 8.000 – 10.000 евра да платат оние кои ќе го заобиколат законот. Доколку го повторат делото, ќе им биде изречена забрана за работа во траење од 15 дена и ќе биде обрврзан да ја исплати минималната плата и социјалните придонеси.
„Доколку во рок од една година, работодавачот го направи истиот прекршок, односно не му се исплаќа минимална плата на работникот, ќе му се изрече глоба од 9.000 до 10.000 евра во денарска противвредност, а Државниот инспектор за труд ќе донесе решение за забрана на работата на работодавачот во траење од 15 дена за кој период ќе биде обврзан да исплати минимална плата и социјални придонеси за вработените“, појасни министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Новините беа иницирани од Синдикатот, за да се стави крај на злоупотребите врз работниците. Според надлежните, воведувањето на минималната плата ќе ја намали сивата економија.
„Донесувањето на измените и дополнувањата на овој Закон ќе значи и понатамошна грижа за животниот стандард на најранливата категорија на работници и на најсиромашните слоеви од општеството“, вели претседателот на ССМ, Живко Митревски.
Министерот Спасов рече дека од јануари минималната плата ќе порасне од 8.800 на 9.590 денари, а со стартот на 2016-тата ќе изнесува 10.080 денари. Во дејностите производство на текстил, производство на облека и производство на кожа, исто така од 1 јануари ќе има зголемување на минималната плата. Спасов потсети дека трудовиот инспекторат од почетокот на наредната година ќе утврдува кои компании не го исплатиле регресот за годишен одмор.
Викторија Тодоровска
