„Дуинг бизнис“: Македонија најдобро место за започнување на бизнис
Во најновиот извештај на Светска Банка „Дуинг бизнис“ Македонија е рангирана на 30-то место од вкупно 189 држави во светот. Започнување на бизнис се уште е најлесно во Македонија. Сите останати земји од регионот се зад Македонија...
Македонија се најде на 30-тото место во најновиот извештај на Светска банка „Дуинг бизнис 2015-та“. На прво место во светот од 189 држави, Македонија е оценета како најдобро место за започнување на бизнис и најдобра по наплатата на даноци.
Од останатите 10 параметри коишто влегуваат во овој извештај, Македонија добро е оценета за добивање дозволи за градба, приклучоци за електрична енергија и заштита на инвеститорските права. Најлошо се оценети спроведувањето на договорите и регистрацијата на имотот.
Три македонски градови влегоа во извештајот на Светска банка меѓу 22 градови во светот што се посочени како најдобри места за инвестирање. Битола на 4-то место, Скопје на 16-то и Тетово на 17-то место.
Македонија е најдобро пласирана држава од регионот. Црна Гора се најде на 36-то место, Бугарија на 38, Словенија 51, Грција 61, Хрватска на 65, Албанија на 68, Косово на 75, Србија на 91 и Босна и Херцеговина на 107-то место.
Оваа година, на прво место во светот е рангиран Сингапур, следуваат Нов Зеланд и Хонг Конг.
Светска банка прави рангирање во последниве три години. Минатата година Македонија беше на 31-то место.
Првиот извештај на Светска банка „Дуинг бизнис“ е објавен за 2004-та година.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
