Македонија на 70-то место на светската ранг листа за еднаквост на половите

29.10.2014 10:11

Република Македонија се најде на 70-то место на годишното рангирање за еднаквост меѓу половите во светот, изработено од Светскиот економски форум објавено денес. Годинава однашите соседи, подобри се Бугарија на 22, Словенија на 23, Србија на 54 и Хрватска е на 55место, додека полошо се рангирани Романија на 72, Црна Гора на 74, Албанија на 83 и Грција на 91 место...

Македонија е во средината на табелата, на 70 место со вкупно 0.6943 поени, веднаш зад Италија (69) и пред Бразил (71). На првото место од 142 рангирани земји се наоѓа Исланд со резултат од 0.8594, а на последното142 Јемен со 0.5145 поени.

За споредба во  2013 година Македонија беше на 57 место од 136 земји со вкупно 0,701 поени. Но глобално земено варијациите од 2006 до 2014 во однос на еднаквоста на половите во  Македонија се стабилни и таа се наоѓа во средината од светскиот просек.

Во извештајот како показатели се земени разликите меѓу половите во платите, учеството во пазарот на трудот, високо квалификуваните работни места, пристапот во образованието, застапеноста на одговорни места, долговечноста и застапеноста на жените и мажите во вкупното население на земјата.

Глобално на светско ниво, ако ситуацијата се подобри во областа на образованието и здравството, Светскиот економски форум оценува дека се потребни напори за намалување на разликите меѓу мажите и жените во политичкиот живот, како и во економските перспективи.

„Користа од еднаковста меѓу мажите и жените не е само економска, жените претставуваат половина од населението во светот и тие имаат право на рамноправен пристап во здравствената заштита, образованието, како и вклученоста во економијата и политиката. Еднаквоста меѓу жените и мажите е потребна за напредокот на човештвото“ – се вели во видео презентацијата на годинашниов извештај на светскиот економски форум.

Во најголем дел, напредокот во еднаквоста на половите во текот на последната деценија се должи на зголемувањето на бројот на жените кои учествуваат во политичкиот живот и на пазарот на трудот.

Извештајот покажува дека зголемувањето назастапеноста на жените на пазарот на трудот придонесува за продуктивноста и има позитивни последици за економијата, како на пример зголемувањето на домашниот бруто прозивод.

 

Тони Гламчевски