Сѐ повеќе граѓани се вакцинираат против сезонски грип
Центарот за јавно здравје во Струмица годинава набави 1.250 вакцини против грип. Интересот кај населението со ризик од грип годинава е зголемен и од почетокот на имунизацијата вакцината ја примиле 300 граѓани.

Зголемен е интересот на граѓаните за вакцинирање против сезонкиот грип. Oд Центарот за јавно здравје во Струмица велат дека над 300 граѓани примија вакцина против грип од почетокот на имунизацијата.
Вакцината штити од повеќе вируси, а се препорачува за лицата со хронични, кардиоваскуларни, бубрежни заболувања, шеќерна болест и лица со намален имунитет.
„Подобро се чувствувам, вакцината има ефект... Веќе четири години се вакцинирам“, велат струмичани.
Од Центарот препорачуваат лицата кои се вакцинираат да не престојуваат во непроветрени простории. Бремените жени и доилките може да примат вакцина доколку ризикот од вирусот е поголем од ризикот за плодот.
„На сите лица кои се вакцинираат потребни им се 15-20 дена период да се створат антитела против антигенот што се внесува, па после тоа тие ќе бидат заштитени“, изјави прим. д-р Силвана Петкоска, Центар за јавно здравје Струмица.
Лицата кои нема да примат вакцина треба да се штитат преку топли течности и секогаш да носат со себе влажни алкохолни марамчиња со кои ќе се заштитат од бактерии.
Центарот за јавно здравје во Струмица оваа година има набавено 1.250 вакцини кои чинат по 400 денари. Секоја година Центарот издвојува и околу 120 вакицни за граѓаните од Валандово.
Катерина Давчева
