САД ги зајакнува мерките за безбедност

29.10.2014 12:41

САД ги зајакнуваат мерките за безбедност по повторените повици на терористички организации. На Кобане пристигна засилување од 150 ирачки курди. Борбата против самопрогласената Исламска држава продолжува...

Вашингтон ги засилува мерките за безбедност околу зградите на сојузната Влада. По нападите во Парламентот во Канада, уште еднаш се вклучи алармот за превентивна заштитаод тероризам.

Од Министерството за внатрешна безбедност велат дека мерката се должи на повторените повици на терористички организации дека ќе ги нападнат САД. Ресорниот министер Џех Џонсон не ги прецизира мерките кои ќе ги спроведе Сојузната агенција задолжена за безбедноста на речиси десет илјади државни згради.

Во меѓувреме првото засилување од 150 ирачки Курди во Кобане пристигна на аеродромот во Санли-урфа, а втор контингент со тешка артилерија патува кон Турција. Обезбедувани од турски специјалци, треба да стигнат во опколениот град во наредните денови.

„Никој не го направи тоа што сега го прави Масуд Барзани. Тој им подаде рака на нашите опколени браќа. Сите го поддржуваме“, вели локален жител.

Анкара дозволи ирачките Курди да поминат преку нејзина територија под притисок на Вашингтон и коалицијата,  иако претходно наведоа дека нема да дозволат испраќање копнени единици во сирискиот град.

Американската воздушна команда изјави дека изминативе два дена се извршени воздушни напади на територии на Ирак и на Сирија каде што се уништени четири борбени штабови на Исламска држава и мала единица на борци.

Според Сиријската опсерваторија за човекови права во копнените борби на Кобане убиени се повеќе од 800 луѓе од почетокот на офанзивата против самопрогласениот калифат. Џихадистите изгубија 481 борец, а Курдите 313. Во битката за стратешкиот град Кобане загинаа и 21 цивил. 

 

Маријана Димовска