Полицијата и граѓаните заедно: Отворен Центар за превенција во Гази Баба
За полицијата да биде поблиску до граѓаните ќе се организираат работилници, а во Центарот јавно ќе биде објавен и распоредот на полицајците кои ќе имаат „отворен ден“...

Старото кино во Маџари од денеска е Центар за превенција. Наместо во полициска станица, жителите на Гази Баба овде ќе можат да добиваат информации, да разменуваат идеи и да даваат предлози со цел населбите во кои живеат да бидат побезбедни.
„Сигурно дека е добар потег, ова треба да се поздрави, тука месната зедница да ги изнесува проблемите кои ги тиштат граѓаните... Ова е добро, сега имаме каде да одиме да се пожалиме и да побараме помош“, велат жителите на овој регион.
За полицијата да биде поблиску до граѓаните ќе се организираат работилници, а во Центарот јавно ќе биде објавен и распоредот на полицајците кои ќе имаат „отворен ден“.
„Врз основа на проблемите што ќе ги пријават граѓаните или нивните потреби, како предлози идеи и сугестии што ќе ги дадат ќе се организираат тие превентивни состаноци“, вели градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски.
Мобилните патролни служби во оваа скопска општина придонесоа кражбите, сообраќајките и уличното насилство повеќекратно да се намалат.
Ако центарот од Гази Баба прерасне во успешна приказна, тогаш оваа практика ќе ја следат и останатите општини. За почеток е добро што граѓаните имаат каде да се обратат и интекративно да учествуваат во креирањето на превентивните политики.
Анита Димитријевска
