НАСА ги истражува причините за експлозијата на ракетата
Антарес, која не носеше човечки екипаж, експлодираше во огнена топка неколку секунди откако се одвои од лансирната платформа на Валопс Ајленд...

Работевме напорно, направивме многу тестови и анализи за мисијата, но нешто тргна наопаку – се огласи НАСА по експлозијата на ракетата Антарес. Разочарани сме што не ја исполнивме обврската кон Меѓународната вселенска станица. Научниците сметаа на експериментите и мерните инструменти, а астронаутите на делови.
„Лошо е што изгубивме такво летало и неговиот товар, но не е толку трагично како загуба на човечки живот. За среќа, немаше повредени“, изјави Френк Калбертсон, заменик претседател за орбитални науки на НАСА.
Антарес, која не носеше човечки екипаж, експлодираше во огнена топка неколку секунди откако се одвои од лансирната платформа на Валопс Ајленд. Летот бил предвиден за понеделникот, но НАСА го одложила поради брод што пловел во близината. Истиот ден од космодромот во Бајконур Русите лансираа ракета Сојуз која успешно се прикачи на Меѓународната вселенска станица. Истражителите велат дека нема да брзаат со заклучоците, но ќе ги проверат моторите - од руско производство, но модифицирани – еден експлодирал и за време на тестирањето.
„Ќе ја откриеме причината и ќе ја корегираме. Се надеваме дека ќе ги продолжиме летовите од Валопс во блиска иднина и ќе ги направиме најбезбедни што може“, вели Френк Калбертсон, заменик претседател за орбитални науки на НАСА.
Освен ракетата вредна 200 милиони евра, оштетена е и лансирната платформа. Несреќата е голем чекор назад за американската вселенска програма, но историјата на вселенските летови помни поголеми трагедии – во 2003 шатлот Колумбија се распадна при влез во атмосферата и загинаа сите членови на екипажот. Пред него, во 1986, Чаленџер со 7 астронаути експлодираше по полетувањето. Вкупно 18 космонаути настрадале на должност.
