Во петок почнува да се снима „Ослободување на Скопје“
29.10.2014 16:15
Шербеџија денеска на прес-конференција рече дека „Ослободување на Скопје“ е една од најубаво напишаните драми во поранешна Југославија, со која имале голем успех во сите бивши републики и дека долго сонувал од неа да направи филм...

Во петок во Велес ќе почне снимањето на филмот „Ослободување на Скопје“ по сценарио и режија на познатиот актер Раде Шербеџија, кој пред триесетина години играше и во истоимената претстава според драмата на Душан Јовановиќ.
Шербеџија денеска на прес-конференција рече дека „Ослободување на Скопје“ е една од најубаво напишаните драми во поранешна Југославија, со која имале голем успех во сите бивши републики и дека долго сонувал од неа да направи филм.
Цело време додека живеев во Америка размислував како да направм филм од таа прекрасна претстава, која имаше толкав голем успех во светот. Тоа е неверојатна приказна за Македонија... дрматична приказна за војната и една невозможна љубов, човечка привлечност, меѓу Македонка и германски офицер. Тоа е она што го препознаваат луѓето, рече Шербеџија, кој сценариото го напишал пред седум години, а идејата почнала да се реализира пред две години кога добил финансии од Агенцијата за филм на РМ и поддршка и од македонското Министерство за култура.
Рече дека има разлика меѓу претставата и сценариото, ја проширил приказната меѓу Лица и германскиот офицер и додал многу нови ликови но, рече тој, задржани се силните драмски моменти.
Шербеџија и ќе игра во филмот (Ѓорѓија), заедно со Силвија Стојановска (Ленче), нивна повторно соработка од 1993 кога заедно играа во „Пред дождот“ на Милчо Манчевски. Главниот лик (Зоран) ќе го игра 10-годишниот Давид Тодосовски. Во екипата се и ќерката и синот на Шербеџија - Луција и Данило - таа во улога на Лица, тој како копродуцент. Најголем број од актерите се македонски, а играат и актери од Хрватска, Финска, Србија и Бугарија.
