Кој пукаше во зградата на Владата?!
Остатоците од проектилите се најдени, се трага по сторителите. Кој пукаше во зградата на Владата? Министерката Јанкулоска вели дека поради сериозноста на случајот, истрагата ќе потрае. Граѓаните кои живеат во близина велат дека детонацијата била силна. Во моментот немало владина седница...

Два проектила од огнено оружје со голем калибар завршија во владината зграда синоќа околу 22 часот. По детонациите, случајот на полицијата го пријавило лицето кое го обезбедувало објектот. По увидот, проектилите се пронајдени и се вештачат. Јавното обвинителство и МВР ги утврдуваат типот на оружјето, правецот од каде што е пукано, мотивите и можните сторители.
„Самиот процес на увидот понекогаш трае доста долго и во конкретниот случај со оглед на сериозноста со која е пристапено во функција на пронаоѓање на сите можни траги и евентуални докази, увидот траеше повеќе часови“, изјави министерката Гордана Јанкуловска.
Граѓаните кои живеат во близина на владината зграда велат дека детонацијата била силна.
„Слушнавме јако околу 22 часот, мислевме дека е огномет, ама било нешто друго... Околу 21:30 - 22 часот се слушна силна детонација“, велат граѓаните кои живеат во близина.
Министерката Јанкулоска тврди дека степенот на обезбедување на објекти од витално значење секогаш е на потребното ниво.
Двата куршума коишто синоќа беа испукани врз зградата на Владата на РМ завршија во јужниот дел на покривот и на страничната фасада.
Владиниот портпарол Ѓоргиев информираше дека вчера вечерта немало владина седница, иако вообичаено се одржува во вторник. Била презакажана за денеска поради отсуството на премиерот Груевски кој беше на службен пат во Белгија. Седницата се одржува денеска.
Наташа Гркова – Петрушевска
