Македонија - водечки реформатор во регионот
„Дуинг бизнис“ на Светска банка со уште една потврда за спроведените реформи. Во најновиот извештај за 2015-та година, Македонија повторно е меѓу најдобрите реформатори, кои во изминатиот период значително ја подобриле бизнис – климата. Македонија е најдобро рангирана, споредено со земјите од регионот.

Македонија е топ реформатор. Најновиот „Дуинг бизнис“ извештај на Светска банка повторно ги потврди здравите економски политики. Земјава е најдобро рангирана во регионот и е пред 15 од 28-те земји членки на Европската унија. Според леснотијата за водење бизнис, Македонија е 30-та од 189 земји, со што направивме скок од една позиција во однос на лани.
Најдобри сме кај процедурите за стартување бизнис – 3-ти во светот, скок од 31 позиција сме направиле кај даночната политика и сега сме 7-ми во глобални рамки. Има напредок, но се уште бавно оди добивањето градежни дозволи.
- Македонија го олесни започнувањето бизнис преку бесплатна електронска регистрација
- Македонија ја зајакна заштитата на малцинските инвеститори
- Македонија го олесни решавањето на неликвидноста со електронската аукција на имото на должникот
- Македонија ги намали роковите за стечајните постапки – се само дел од нотираните подобрувања.
Во Југоистична Европа, Скопје е градот во кој е најлесно да се води бизнис. Светската банка во својот извештај нотира дека Македонија во изминатиот период дополнително се приближила до најдобрите светски практики.
Со најновото истражување се опфатени 189 економии. На врвот на листата, како по традиција, се Сингапур, Нов Зеланд и Хонг Конг, тука се Скандинавските земји, Австралија, САД и Велика Британија. Рангирањето се врши врз основа на десет индикатори, кои се однесуваат на деловното работење, бизнис – климата, плаќањето даноци, прекуграничната трговија, прашањето на ликвидноста. Во следното рангирање, ќе бидат вклучени дополнителни пет индикатори.
Мартин Пушевски
