„Минимализам и месечина“ вечерва со Македонската филхармонија
30.10.2014 08:17
Македонската филхармонија под палката на маестро Лајовиц, кој се смета за еден од најдобрите диригенти на просторите на поранешна Југославија, со високо реноме и во Европа, ќе изведе уште три ремек-дела...

Македонската филхармонија вечер ќе одржи концерт насловен „Минимализам и месечина“, на кој ќе настапи афирмираниот виолинист Владимир Костов под диригентство на Урош Лајовиц од Словенија.
Првпат во Македонија ќе биде изведен првиот Концерт за виолина и оркестар од американскиот композитор Филип Глас, еден од најголемите претставници на музичкиот минимализам и најизведуваниот жив композитор. Концертот за виолина го напишал во 1987 година и го посветил на својот татко и за кусо време тој станал едно од неговите најпопуларни дела за оркестар.
Македонската филхармонија под палката на маестро Лајовиц, кој се смета за еден од најдобрите диригенти на просторите на поранешна Југославија, со високо реноме и во Европа, ќе изведе уште три ремек-дела: милозвучното и патетично Адаџо за гудачи од американскиот композитор Семјуел Барбер, или неговото најпопуларно дело кое „звучи“ и во многу познати филмски остварувања, како и двете извонредни музички поеми на францускиот композитор Клод Дебиси - „Попладнето на еден фаун“ и „Море“, дела кои се симбол на музичкиот импресионизам, информира Филхармонијата.
Концертот ќе се одржи во објектот на Македонскиот народен театар од 20 часот.
