Светска банка: Новиот извештај на „Дуинг бизнис“ фантастична вест за Македонија
Македонија е на 30-тото место во последниот 12-ти извештај на Светска банка Дуинг бизнис 2015. Ова е скок за едно место од минатата година. Најдобро котира од земјите во регионот и е на 4-то место во Европа...

Македонија ја подобрува позицијата во извештајот „Дуинг бизнис“ на Светска банка. Во однос на лани, земјава забележа скок од едно место и сега е на 30-сетото, најдобра во регионот. Во Југоисточна Европа, Скопје е градот во кој е најлесно да се води бизнис.
„Македонија е рангирана на 3-то место од сите 189 држави за започнување на бизнис. Ова е фантастична вест“, вели Валентина Салтане- Светска Банка.
Светска банка во својот извештај нотира дека Македонија во изминатиот период дополнително се приближила до најдобрите светски практики.
„Пред 10 години за започнување на нов бизнис на македонски преприемач му беа потребни 48 дена, а сега тој процес може да биде завршен за 2 дена“, пишува во извештајот.
„Има неколку добри вести за Македонија. Прво, избројавме три позитивни реформи што влијаат на регулативата за бизнис. Исто така, имаше реформа од минатата година чие влијание се гледа годинава, што е мнoгу значајна. За наплатата на даноци, Македонија го подобри рејтингот од 38-ма на 7-мо место, значи имаме подобрување за 31 место. Ова се должи на пријавувањето даноци он лајн за компаниите и за данокот на додадена вредност“, нагласува Салтане.
Македонија стартувањето бизнис го направи да биде многу полесно, откако воведе бесплатна он лајн регистрација на фирмите, посочува Свтеска банка. Исто така во извештајот е нотиран значителен напредок во наплатата на даноци, заштитата на малите инвеститори, издавањето градежни дозволи, иако во изминатиов период било потешко да се добие кредит.
Првиот извештај Дуинг бизнис на Светска банка е објавен за 2004-та година.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
