НБРМ: Банкарскиот систем е стабилен

30.10.2014 14:09

Растот на активностите на македонските банки продолжи и во текот на вториот квартал на 2014 година, што е резултат на сѐ поголемиот степен на финансиско посредување...

Банкарскиот систем и во услови на надворешно опкружување исполнето со големи предизвици, успеа да ја задржи ликвидноста и солвентноста, а со тоа и својата стабилност и сигурност, оцени Советот на Народната банка на денешната седница на која го разгледуваше Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во Република Македонија во вториот квартал од 2014 година.

Растот на активностите на македонските банки продолжи и во текот на вториот квартал на 2014 година, што е резултат на сѐ поголемиот степен на финансиско посредување и поддршката на македонската економија. Носител на растот на изворите на финансирање на банките се депозитите на нефинансиските лица, а во нивни рамки посебно се издвојува растот на денарските депозити на домаќинствата со поголема договорна рочност, што претставува директен одраз на довербата којашто банките ја имаат кај домашната јавност, соопшти кабинетот на гувернерот на Народната банка на Република Македонија.

Воедно, се додава во соопштението, во услови на закрепнување на домашната економска активност и постепено зголемување на апетитите на банките за преземање  ризици, кредитите на нефинансиските субјекти веќе три квартали по ред бележат забрзување на годишниот раст.