Фирмите во земјава – најмалку оптоварени со даноци

30.10.2014 15:07

Брзо се стартува нов деловен потфат, а даночната политика е скроена да го поттикне стопанството. Со вкупна даночна стапка од 7,4%, најповолна во светски рамки, во земјава се плаќаат најниски даноци...

Компаниите што работат во Македонија плаќаат најниски даноци - покажа најновиот извештај на Светска банка. Со секое ново рангирање земјава се наметнува како топ реформатор во регионот, држава во која е најлесно да се води бизнис. Брзо се стартува нов деловен потфат, а даночната политика е скроена да го поттикне стопанството. Со вкупна даночна стапка од 7,4%, најповолна во светски рамки, во земјава се плаќаат најниски даноци.

„Овие бројки покажуваат дека бизнисот, односно домашните и странските фирми кои работат во Македонија, се најмалку оптоварени со даноци во однос на која било друга земја од светот. Со седум процедури за плаќање даноци годишно, Македонија е рангирана на 13-то место во светот, а во Европа сме петти. Ова значи дека и во едноставноста на даночната администрација и во наплатата на даноци сме направиле извонреден скок“ , изјави Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.

За 8 години во извештајот „Дуинг бизнис“ имаме скок од 64 места. Сега во Европа, кај индикаторот за наплатата на даноци, единствено Ирска е подобро рангирана од Македонија. Во сферата на даночната политика за една година бележиме скок од 31 место и сега сме 7-ми во светот.

Во меѓувреме ќе се работи на областите каде што има простор за подобрување: во делот на издавањето градежни дозволи, брзината на проток на стоки преку границите, но и на олеснетиот пристап до електрична енергија кој е клучен за индустријата. Со раст на производството од 9 проценти во септември, се трасира патот до проектираната стапка на економски раст.    

„Фактот што 9 месеци по ред имаме позитивни стапки на раст, со солиден раст и кај градежништвото, услугите и земјоделството, е потврда дека вака поставените политики даваат резултат и очекуваме овој позитивен тренд да продолжи и во иднина“, изјави Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.

Годинава се очекува растот на БДП да се движи меѓу 3,5 и 3,7 проценти.

Мартин Пушевски