Четириесет нови стипендии од фондацијата „Трајче Мукаетов“

30.10.2014 15:12

Генералниот директор на Алкалоид, Живко Мукаетов денеска на прес-конференција истакна дека од 2007/2008 година досега Фондацијата „Трајче Мукаетов“ доделила 304 стипендии за најдобрите студенти...

Фармацевтскиот гигант Алкалоид ја продолжи практиката да ги финансира најдобрите студенти. Доделени се 40 нови стипендии, а најдобриот освен вработување доби и парична награда.

Генералниот директор на Алкалоид, Живко Мукаетов денеска на прес-конференција истакна дека од 2007/2008 година досега Фондацијата „Трајче Мукаетов“ доделила 304 стипендии за најдобрите студенти од трета и четврта година од Фармацевтскиот и од Медицинскиот факултет при УКИМ Скопје, од кои 159 за студенти од Фрмацевтскиот факултет и 145 од Медицинскиот факултет.

Од студентите кои ги добиле стипендиите дипломирале 103 студенти по фармација, а 72 по медицина. Од овие стипендисти 24 веќе се во редовен работен однос во компанијата Алкалоид. Годинава, освен што ги доделуваме овие 40 стипендии, повторно доделуваме и еднократна парична награда во износ од 1.200 евра во денарска противвредност за најдобрите студенти на Фармацевтскиот и на Медицинскиот факултет, рече Мукаетов.

Оваа година, посочи тој, најдобар студент на Фармацевтскиот факултет или првенец на генерација е Бисера Степановска (со просек 9,98), а на Медицинскиот факултет е Александар Јовановски (со просек 9,93).