Се менува ликот на делницата Велес- Кадрифаково
Наместо по две коловозни ленти ќе се вози по четири. Единаесете црни точки кој овој патен правец го правеа небезбезден ќе бидат минато. Комплетната рехабилитација на оваа делница чини 15 милиони евра. Денеска отпочнаа градежните работи на третата фаза или делницата од Лозово до Кадрифаково. Првата е комплетно завршена, на втората се поставува асфалт...

Се интензивираат градежните работи на делницата Велес- Кадрифаково. Во три фази се рехабилитираат 24 километри. Првата делница е завршена, на втората се поставува првиот слој на асфалт, на третата делница, која ги поврзува Лозово- Сарамзалино и Кадрифаково во должина од 10 километри, денеска започнаа градежните работи. За овој патен правец од регионален за да стане брза магистрала ќе бидат потрошени 15 милиони евра.
„Во овој момент во нашата држава преку јавното претпријатие и ресорното министерство за транспорт и врски активни се градби како што е оваа, околу 55 километри кои треба да бидат завршени во 2015 година или вкупна инвестиција од преку 30 милиони евра“, изјави Љупчо Георгиевски, директор на ЈП за Државни патишта.
Во последните четири години во државата изградени се 680 километри локални патишта. Оваа бројка во наредните години ќе расте.
„Паралелно се гради автопатот од Скопје до Штип, веќе во текот на ноември треба на бодрот на директори на ЕБРД да обезбедиме средства за изградба на патот од Штип до Кочани кој е во финална фаза на проектирање и наредната година треба да започне со изградба“, рече Миле Јанакиевски, министер за транспорт и врски.
Рехабилитацијата на постоечката и изградбата на нова патна инфраструктура покрај економското значење има цел и зголемување на безбедноста на сообраќајот. Делницата од Велес до Кадрифаково во годините наназад беше прогласувана за место со најмногу сообраќајни несречи и црни точки.
Според планската документација градежните работи на оваа делница треба да завршат за осумнаесет месеци, но Гранит, изведувачот на градежните работи вели дека овој пат ќе биде завршен до крајот на 2015-та година.
Дијана Иванова
