Дали ќе се забрзаат мерките против загадувањето?
Од секторот за животна средина тврдат дека Скопје годинава само два пати пет дена по ред било со надминати штетни честички...

На седницата на град Скопје, отворени останаа прашањата - Што значи енормно загадување на воздухот и кои мерки би се презеле? Од опозициската СДСМ велат дека според сите мерења, две третини од вкупниот број денови во годината, граѓаните дишат загаден воздух.
„Што превзема градот Скопје за да се надмине оваа ситуација, до ден денес. Почитуван градоначалник, оваа дискусија денеска ја имаме на барање на нашата советничка група, демантирајте ме дека ќе зборевме за ова ако ние не го инициравме ова пред еден месец и разговараме на почетокот на грејната сезона“, рече Дамјан Манчевски од СДСМ.
Причината за загадениот воздух ја гледаат во сечата на дрва, градежната експанзија и увозот на стари автомобили. Според нив, спас гледаат во гасификацијата на градот. Велат дека градските власти доцна почнале да ги преземаат мерките, како што е прскањето за намалување на штетните честички.
„Ние уште од мај, јуни ја тераме постапката: Средството што беше за градот Скопје е набавено, склучен е договор со Алкалоид, обврска на град Скопје. Комунална хигиена во јули, август, на двапати има негативни одговори од советот за јавни набавки, дури го доби пред десетина-петнаесет дена и објави јавната набавка. И покрај тоа, ние баравме алтернативни решенија и мислам дека ќе најдеме“, рече Коце Трајановски, градоначалник на град Скопје.
Од секторот за животна средина тврдат дека Скопје годинава само два пати пет дена по ред било со надминати штетни честички.
„Најредовно беше спроведуван надзор над објектите кои се во надлежност на градот Скопје. Лани, благодарение на инвестициите на Владата, беше решен најголемиот проблем, котларницата во топлинскта потстаница на Клиничкиот центар во Скопје“, рече Цветанка Икономова од сектор за заштита на животната средина.
Минатата зима имаше енормно загадување на повеќе точки во градот Скопје.
Андријана Атанасовска
