Претседателот Иванов во официјална посета на Србија

31.10.2014 08:36

На средбата со претседателот Николиќ се очекува да бидат потврдени добрососедските односи, да продолжи да се јакне севкупната соработка, особено во економијата и регионалната соработка...

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов престојува во официјална посета на Република Србија, каде денеска во главниот град ќе има средба со неговиот домаќин претседателот Томислав Николиќ. Иванов,според најавите ќе биде пречекан со највисоки државнички почести, а во чест на неговата возвратна посета од вчера на улиците низ српскиот главен се вејат македонски и српски знамиња.
 
Како што информираат од Кабинетот на македонскиот претседател, поканата и посетата на Белград се во рамките на веќе постојниот дијалог на највисоко ниво, но и во рамки на планот и во новиот, втор мандат, претседателот Иванов, како една од стратешките цели, да продолжи да ги јакне добрососедските односи и регионалната соработка. Планот е да се реализираат размени на посети во повеќе земји од регионот, со цел давање на натамошен импулс на билатералната соработка, размена на мислења за евроатланските интеграции и за приоритетите на регионалната соработка.
 
На средбата со претседателот Николиќ се очекува да бидат потврдени добрососедските односи, да продолжи да се јакне севкупната соработка, особено во економијата и регионалната соработка. 
 
Односите со Србија се на исклучително ниво, а како што наведуваат од Кабинетот на претседателот Иванов, заедничката седница на двете влади и најавата за следна таква седница доволно говори за тоа. Се очекува овој тренд да продолжи, особено во сферата на економијата и регионалната соработка, односно крупните проекти за регионални инфраструктурни поврзувања, патни, железнички, инфраструктурни, но и зајакнување на соработката и во останатите сфери како евроинтеграциите, културата, здравството, безбедноста.
 
Претседателот на Србија Томислав Николиќ беше во официјална посета на Македонија во октомври 2012 година.  
 
Македонскиот претседател Иванов денеска ќе има работна средба и со претседателката на Народното Собрание на Република Србија, Маја Гојковиќ.
 
За време на официјалната посета, Иванов во Панчево ќе оствари средби со претставници на македонското национално малцинство во Република Србија.
 
Утре во Белград претседателот Иванов ќе учествува на 38-та средба на Европската група на Трилатералната комисија, што се оценува како собир на највлијателните луѓе во светот односно се смета за „светска влада во сенка“.