Ноќ на вештерките: Најава за есента, но и за распродажби и шопинг

31.10.2014 10:27

Ноќта на вештерките е празник во Соединетите Американски Држави кој ја најавува есента. Децата на ноќта на вештерките маскирани одат од куќа на куќа и добиваат подароци. Возрасните и трговците го користат овој празник за распродажби и шопинг...

Ноќта на вештерките има корени од келтската традиција и друидите, ноќ кога се верува дека се појавуваат духовите, вештерките и вампирите. Тиквата која постои илјадници години е симбол на есента но и на светлината, па затоа обичај е да се длабат тикви и во нив да се става свеќи. Децата маскирани на ноќта на вештерките одат од куќа на куќа и добиваат слатки подароци. Овој празник како и сите во Америка е изговор за нова распродажба и шопинг. Сите продавници нудат и украси за Ноќта на вештерките.

„Ова е носталгично време. Ме потсетува на детството кога се маскиравме и одевме да собираме подароци. Сето е забава.

„Се забавуваме, се маскираме, можеме да се шегуваме, што не е можно во остатокот од годината“, велат жителите на Вашингтон кои ги анкетиравме.

Вашингтон е познат по места во кои се верува дека се појавуваат духови. Најпознат е паркот „Лафајет“ пред северниот дел од Белата куќа и хотелот Хеј-Адамс во близина на резиденцијата на американскиот Претседател.

Најбизарниот обичај во главниот американски град е трката на потпетици која традиционално се одржува секој вторник пред Ноќта на вештерките.

„Првпат учествуваме и сега дојдовме да трчаме во трката“, вели една учесничка во трката.

„Halloween“ или Ноќта на вештерките е ноќ кога се одржуваат голем број на маскенбали во Америка. Маските вообичаено би требало да бидат страшни, па оваа година најпродавана маска за Ноќта на вештерките беше лекар или медицинска сестра коишто се грижат за заболени од ебола.

Ноќта на вештерките го најавува доаѓањето на есента во Америка.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ