Интензивно се гради пречистителната станица во Прилеп
Со изградбата на пречистителната станица во Прилеп, загадувањето на реката ќе се сведе на минимум, а со тоа и одгледување поквалитетни земјоделски производи...

Прилеп личи на огромно градилиште. Забрзано се спроведува проектот за замена на старите канализациони цевки и изградба на пречистителна станица тежок 17 милиони евра. Инвестицијата 85% е обезбедена со европски пари од ИПА 3 компонентата, а 15 проценти покрива државата.
„Со изградбата на пречистителната станица автоматски ќе имаме почиста средина, загадувањето на градската река ќе биде сведено на минимум. А бидејќи и дел од полето се наводнува од таа река ќе добиеме и поквалитетни земјоделски производи“, изјави Николина Руфческа, координатор на проектот за пречистителна станица.
Изградбата на пречистителната станица се очекува да започне ова пролет, а таа да биде завршена во 2016 година.
Според проектот во Прилеп треба да бидат поставени 70 километри нови цевки за фекална канализација, досега се заменети околу 50 проценти, а според динамиката овој проект треба да заврши во септември наредната година.
Напоредно со смената на канализациони цевки се врши и промена на водоводната мрежа, како продолжување на проекто на КФБ банката. Досега се заменети околу 100 километри водоводна мрежа.
„Сега околу 70 проценти од водоводната мрежа на градот е заменета со нова, бенефитот од тоа најмногу се чувствува кај загубите на вода. Ако до пред ова Прилеп трошеше 360 литри во секунда вода, сега градот троши од 200 до 220 литри вода во секунда“, истакна Сашо Николоски, директор на ЈКП Водовод Прилеп.
Со ова Прилеп ќе биде еден од ретките градови кај нас каде отпадните води ќе бидат 100% пречиститени, a земјоделскопроизводство во иднина може да се сертифицира како еколошко и органско.
Дарко Штаргоски
