Шеховиќ се врати, Цинцадѕе си замина!
Со ангажирањето на новиот тренер Врбица Стефанов, МЗТ Скопје набрзина се засили за искушенија во АБА и домашната лига.

Со ангажирањето на новиот тренер Врбица Стефанов, МЗТ Скопје набрзина се засили за искушенија во АБА и домашната лига.
Сеад Шеховиќ се врати во Аердром кадешто минатата сезона на 12 АБА натпревари во просек постигнуваше по 9,5 поени. Црногорскиот репрезентативец може да покрие две позиции, „двојка“ и „тројка“ и се очекува да биде во конкуренција веќе викендов на дуелот од шестото коло од регионалната лига против Цедевита. Во случај, административните работи да не бидат завршени навреме, Шеховиќ првиот меч во стариот дрес ќе го одигра во „Градски парк“, во вечното дерби против Работнички.
На мечот со хрватскиот шампион, за МЗТ Скопје ќе дебитира и новиот плејмејкер Дион Диксон. Американецот кој потекнува од Универзитетот Синсинати, минатата сезона беше еден од најдобрите кошаркари во првенството на Либија.
По Хрватот Ведран Моровиќ, од Аеродром си замина и Грузиецот Ѓорѓи Цинцадѕе кој спогодбено го раскина договорот со македонскиот првак.
Иако е голема желба на популарниот Врба, нема напредок околу евентуалното враќање на Дамјан Стојановски.
Преносите од двата натпревара на МЗТ Скопје за четири дена ќе бидат на Македонската телевизија и тоа на собранискиот сервис против Цедевита в недела во 18.00 часот и против Работнички в среда во 18.30.
