Декларација: Македонија, Бугарија и Албанија ќе се залагаат Коридорот 8 да стане приоритет на ЕУ
На средбата станало збор за проекти од заеднички интерес за трите држави, со можност да се аплицира за средства од европските фондови...

Министрите за транспорт на Македонија, Бугарија и Албанија денеска на средба во Софија усвоија Декларација за спроведување проекти од значење за трите држави и со која ќе се залагаат Коридорот 8 да стане еден од приоритетите на Европската унија, соопшти Министерството за транспорт и врски.
Со Декларацијата која ја усвоивме утрово со моите колеги министри тежнееме Коридор 8 да стане еден од приоритетите на Европската Унија. Сакам да потенцирам дека во Македонија се градат два нови автопати на Коридорот 8. Оваа година започнавме со работа на првата од трите делници за железничко поврзување со Бугарија, што значи дека активно работиме на проектите за поврзување на Македонија и Бугарија, изјави министерот за транспорт Миле Јанакиески, по средбата со бугарскиот и албанскиот колега Николина Ангелкова и Едмонд Хаџинасто.
На средбата станало збор за проекти од заеднички интерес за трите држави, со можност да се аплицира за средства од европските фондови кои би овозможиле подобра комуникација и економска соработка,стои во соопштението на Министерство за транспорт и врски.
Тројцата министри учествуваат на еднодневниот форум на тема „Балкан-инфраструктурно и транспортно поврзување меѓу Црното и Јадранското море.
