Одлуките и обвинувањата на СДСМ и Заев повторно тема за грчките медиуми
Грчките медиуми во континуитет посветуваат големо внимание на веќе традиционалните одлуки на македонскaта опозиција за бојкот и опструкција на демократските процеси и институции во Македонија...

Внатрешно политичката- состојба во Македонија и натаму внимателно и во детали се следи од грчките медиуми. Како што јавува дописникот на МРТ од Атина, за одлуката на СДСМ да продолжи со бојкотот на Парламентот информираат голем дел од грчките медиуми. Сите го пренесуваат соопштението на СДСМ во кое што за политичката криза во Македонија тие ја обвинија исклучиво власта.
„Најголемата опозициска партија во Македонија, СДСМ на Зоран Заев продолжува да го бојкотира Парламентот и нема намера да се врати во собраниските клупи. Во соопштението по состанокот на Извршниот одбор на партијата, се вели дека одговорноста за политичкиот хаос во Парламентот му припаѓа исклучиво на владеачкото мнозинство“, информира грчката новинска агенција, весниците Елефтерос типос и Капитал, радиото Реал.гр итн.
Грчките медиуми во континуитет посветуваат големо внимание на веќе традиционалните одлуки на македонскaта опозиција за бојкот и опструкција на демократските процеси и институции во Македонија.
Грчките политичари пак досега не пропуштаа оваа состојба да искористат во своја полза, а на наша штета, тврдејќи пред меѓународната заедница дека во Македонија има демократски дефицит.
Марија Котовска – постојан дописник на МРТ од Атина
