Граѓаните штедат – банките кредитираат
31 октомври е Светски ден на штедењето. Податоците на Народна банка покажуваат дека растат депозитите на граѓаните и на компаниите. Добивката на банките се зголемува, но се зголемува и кредитирањето на стопанството, што е основа за позасилен економски раст.

Граѓаните сè повеќе им веруваат на банките. Заклучно со септември, штедните влогови на населението достигнале 197 милијарди денари, за 15 милијарди повеќе од истиот период лани. Од нив, 51% се во денари, што покажува дека штедачите се сигурни во домашната валута.
„Преферирам да штедам во денари, бидејќу курсот е стабилен.“
“Повеќе штедам во евра.“
“Штедењето е домаќинска работа, нашиот народ е познат по тоа“, велат граѓани за МТВ.
Зголемените заштеди се позитивен сигнал за стопанството, бидејќи банкарите овие средства ги користат за пласирање кредити.
„94 милијарди денари се вишок од штедење, пари кои банките ги употребиле за кредитирање на претпријатијата. Средствата од штедење покриваат 63% од кредитите на претпријатијата. Ова е значаен фактор за динимизирање на економскиот раст во Р.Македонија“, изјави Глигор Бишев, директор на банка.
За разлика од претходните години, кога поради финансиските проблеми голем дел од компаниите ги трошеа своите средства во банките за подобрување на ликвидноста, сега состојбата е поинаква. Стапката на раст на депозитите од претпријатијата достигна 12%, што укажува дека состојбата во реалниот сектор е значително подобрена. Дополнително, банкарите за претстојниот период најавуваат дека ќе го одврзат ќесето и ќе го засилат кредитирањето на стопанството.
„Во септември, стапката на кредитен раст достигна 9,4 проценти. Ова е над нашите очекувања. Очекуваме овој тренд да продолжи и да се стабилизира на ниво од 9 до 10% во оваа година. За наредната година се уште ги правиме проекциите“, изјави Димитар Богов, гувернер на НБРМ.
Во меѓувреме, расте и ќарот на банките. Според податоците на Народна банка, во првите шест месеци од годинава, вкупно шеснаесет банки во земјава оствариле добивка од 18,6 милиони евра, за три пати поголема во однос на лани.
Мартин Пушевски
