Падна првата клапа од „Ослободување на Скопје“ во Велес
МРТ меѓу велешани кои со возбуда го следеа снимањето...

Се снима „Ослободувањето на Скопје“, поточно сцената кога германски офицер е убиен за време на веслачки натпревар помешу бугарски и германски војници. Една сцена е на Стар Мост, друга е по течението на реката Вардар. Околу 400 статисти од Велес и велешко се дел од денешното снимање кое официјално за медиумите беше затворено.
МРТ меѓу велешани кои со возбуда го следеа снимањето.
„Од сабајле сум тука, гледам како се снима, прекрасно е чуството да гледаш како се снима.“
„Да ви кажам искрено ова ретко се случува во нашиот град, сосема случајно шетајќи наидов на оваа сцена.“
„Ми се чини дека за прв пат вакви сцени доживувам во Велес и навистина сум задоволна.“
„Најискрено многу кратко видов и не ми е јасна сцената меѓутоа ќе видиме кога ќе заврши филмот“, велат граѓаните кои случајно ги анкетиравме.
Велешани ќе бидат сведоци на снимање на повеќе сцени. Два дена ќе се снима на оваа локација, а во недела ќе се снимаат сцени околу манастирот „Свети Димитрија“.
Ова не е прво филмско искуство за велешани, велат дека досега биле сведоци на снимањата на многу филмови, но најинтересно за нив сепак било појавувањето на волк од еден од тунелите покрај Велес во времето кога се снимаше филмот на Милчо Манчевски.
Освен во Велес, „Ослободување на Скопје“ ќе се снима и во Свети Николе, Битола и Скопје. Филмот е македонско- хрватска финска копродукција, во него се раскажува приказната за невозможната љубов помеѓу една Македонка и германски офицер за време на Втората светска војна.
Раде Шербеџија има двојна улога и како режисер и како актер. Филмот има буџет од околу два милиони евра, а премиерното прикажување се очекува во втората половина од 2015 година.
Дијана Иванова
