Откриена средновековна палата на Маркови кули
Ново откритие на археолозите среде тврдината на Марковите кули над Прилеп. Средновековна палата во која живееле високи воено- политички византиски благородници. Ја возобновувале во времето на Крали Марко.

Средновековна палата од пред 7 века за прв пат откриваат археолозите во тврдината на Марковите кули над Прилеп. Изградена на стратегиско место до бедемите, била раскошна на преку 400 метри квадратни.
„Станува збор за градба, палата од најмалку 400 квадратни метри, при што приземниот дел е позициониран од северната страна до бедемот на средновековната тврдина, при што второто ниво на кое се наоѓаме, пристапот водел преку карпа и нивото каде што се позиционирани гробовите“, вели Бранко Ристески, научен советник- археолог.
Ја граделе византиските умешни неимари вешто вклопувајќи ја градбата во карпите. Раскошно, за да ја потенцираат моќта на Византија и последната линија на одбраната од север. Кога стигнале Волкашин и Марко, сакале да и го вратат стариот сјај.
„Без сомнение упатува на значаен член на заедницата, и тоа и во времето на Византиското владеење, но и во времето на Волкашин и Марко“, вели Ристески.
Според позицијата, археолозите сметаат дека оваа палата што прв пат им се открива е една од најзначајните во тврдината на Марковите кули. Допрва тие ќе откриваат како и колку раскошно била уредена оваа палата.
Тврдината на Марковите кули била една од петте најмоќни на Балканот. Со Трескавец и Зрзе биле воени коти. Секое ново истражување е откритие. Тајните на времињата се вистинска туристичка атракција.
„Туристичка атракција, дури и во ваква форма, руинирана е неспорна. Но за да биде во вистинскиот сјај, треба од една страна да бидат комплетирани сите негови содржини и финеси на вредностите на Марковите кули да бидат изјаснети“, вели археологот Ристески.
Наредниот недели археолозите ќе ѕирнат во внатрешното уредување на палатата.
Елизабета Митреска
