Истекува рокот за воведување фискални ГПРС каси
Досега само половина даночни обврзници го запазиле рокот. Казните се високи, преку новите апарати УЈП полесно ќе ги открива фирмите кои затајуваат данок...

Вака изгледаат новите фискални каси со вграден ГПРС. На фискалните сметки има знак кој ја потврдува нејзината валидност. Некои од угостителите и бензинските пумпи на терен почнаа да ги користат новите каси. Овој угостител ги спроведе сите процедури, за неколку денови го очекува новиот апарат.
„Го запазивме рокот до денешен ден. Би требало тоа да ни ја олесни работата, ќе имаме подобар увид во прометот“, вели Шериф Мекровски, сопственик на гостилница.
Законот го испочитува и средното угостителско училиште кое покрај образовната дејност врши и кетеринг услуги.
„Со текот на денешниот ден ние ја испочитувавме таа регулатива и нашиот фискален апарат инсталиравме ГПРС уред, со кој ќе можеме да комуниацираме со Управата за јавни приходи“, рече Зоран Николовски, директор на средно угостителско училиште.
Оваа бензинска пумпа почна да го користи новиот апарат од пред две недели. Немаат никакви проблеми. Стариот апарат ќе се користи доколку се појави дефект на новиот. И занаетчиите иако имаат уште три месеци до имплементацијата на законот на големо се информираат и ги прибираат документите за да ја набават новата ГПРС каса.
„Вложуваме напори да најдее групни понуди со кои ќе обезбедиме олеснување во финансискиот дел, затоа што сепак е едно финансиско оптеретување за занаетчиите“, вели Анета Атансовска од Занаетчиската комора.
Досега само половина даночни обврзници го запазиле рокот. Казните се високи, преку новите апарати УЈП полесно ќе ги открива фирмите кои затајуваат данок.
Санкции ќе следат за фирмите кои нема да ја испочитуваат законската обврска и не набават фискални каси со ГПРС уред, најавуваат од УЈП. За фирмите чиј промет во претходната година надминува 10.000.000 денари.
Дијана Ценевска
