Бакрачески во посета на најуспешната леарница
Охридскиот градоначалник, Никола Бакрачески, денеска ја посети компанијата „ЛТХ – Леарница“,која се вбројува помеѓу стоте најуспешни компании во Македонија. Покрај за развојните планови тој со менаџерскиот тим разговараше за разрешување на евентуалните проблеми со кои се соочува оваа фабрика,а кои се во надлежност на локалната самоуправа, со цел да се забрза локалниот економски развој.

430-те вработени лица во компанијата се показател за кондицијата во која се наоѓа „ЛТХ-Леарница“. Нејзините успеси во стопанисувањето и бизнис врските со слични субјекти во Европа и пошироко треба да се искористат за привлекување на нивни партнери во Охрид. Ова при посетата на оваа компанија која произведува алуминиумски компоненти за светската автомобилска индустрија, го рече охридскиот градоначалник.
„Ги презентиравме можностите што општина Охрид, покрај погодностите што владата на Република Македонија ги дава за развој на бизнис во Охрид, да се вклучиме и ние во рамките на нашите ингеренции. Да помогнеме и да го олесниме патот на такви компании во иднина во што поголем број да доаѓаат во охридскиот регион“, рече Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид.
Компанијата има добра соработка со македонските образовни институции,особено од областа на машинството.
„Бараме висококвалитетна работна сила.Ако не може да се најде на пазарот им даваме можност и ние сами да ги дообучиме.Ги праќаме нашите вработени на дообука во Словенија,Германија или Швајцарија“, изјави Роберт Водушек, главен менаџер на „ЛТХ-Леарница“.
„ЛТХ-Леарница“ е една од најуспешните охридски компании, која високо котира и во рамките на македонскиот бизнис сектор, бидеќи се наоѓа помеѓу 20-те фирми со најголем извоз во земјата.
Сашо Нелоски
